Во прилог е видео https://youtu.be/43rdygAzh_s снимено од Македонската радио и телевизија на 22 април 1990 година во Рожденскиот Манастир, во срцето на Пиринскиот дел на Македонија, на Пирин Планина, како тестамент – сведоштво на обесправените Македонци, доказ за неправдите и вечната борба за самоидентификација.
Иако претходно уредно го најавиле собирот на Македонците во Бугарија во чест на 75-те години од смртта на Јане Сандански – Пирискиот Цар, организацијата ОМО Илинден на разни начини била репресирана со намера на секој начин протестот да биде саботиран од страна на тогашната бугарска влада. Некое време пред одржувањето на протестот, Бугарија донела и закон за забрана за политички собири… Уредно имале закупено неколку автобуси, но на само еден ден пред одржувањето на Собирот им било кажано дека сите автобусите се запрени – кметот наредил: “Автобуси имам, но вам не можам да ви дадам” – се вели во видеото.
Но, гласот за национални и човечки права веќе бил кренат! Македонците се собрале и ја продолжиле борбата за национални права. На договореното место сепак повеќето успеале да пристигнат, повеќето со приватни автомобили.
“Добредојдовте Македонки и Македонци! Денеска дојдовме овде, на гробот на Јане Сандански, да клекнеме на колена и да положиме китки и венци. Седумдесет и пет години овде во Рожденскиот Манастир, во скутот на Пирин Планина, лежат коските на Јане Сандански. На 22 април 1915 година во месноста Папас Чаир, на 20 километри источно кон Неврокоп, денешен Гоце Делчев, падна пронижан легендарниот револуционер и борец за национално ослободување на Македонскиот народ од турското и од бугарското ропство! На овој ден, падна смртно ранет, во крв, од заседа, убиениот Јане Сандански од бугарските терористи – агенти на софискиот дворец. Тоа кобно убиство не беше ни првото ни последното!”
“Од смртта некако отрпнавме, проживеавме многу тешко. Тогаш немаше кој да види. Можеби намерно, тогаш властите ја прогонуваа секоја наша мисла. Се додека татко беше во затвор, нашата куќа беше под надзор, а кога мајка ми ја интернираа. Имавме малку надеж дека некогаш ќе се врати, но еден ден дојде и ни кажаа дека нема повеќе воздух за неа. Сето тоа беше еден смислен систем да се уништи ова поколение.”
Нивните постапки често биле следени и внесувани во досие – еден од начините за заплашување.
“Ако сака некој да ја дознае вистинската состојба во Пиринска Македонија, нека ги отвори сефовите на државната безбедност во Благоевград. Таму се наоѓаат досиеата на стотици а можеби и илјадници Македонци осудени за дела за кои во цивилизираните држави никој, никогаш, никому не му суди!”
Во нивните барања стои и тоа дека се борат за нивното право на малцинство во Н.Р. Бугарија да им биде признато, како и правото на македонско малцинство во Н.Р. Грција. Бидејќи тоа право, тоа барање било извојувано во вековната борба и во слободна и демократска Бугарија и Грција, секој да може да се чувствува таков каков што самиот се чувствува.
“Бараме, протестираме и настојуваме поради нашите одземени национални права, што поскоро да почне извршувањето на меѓународните договори за правата на малцинствата. Воведување на изучување на Македонскиот јазик и Македонската историја во училиштата. Да има емисија на Македонски јазик на Радио Благоевград. Издавање на македонски весници. Да се запре големата шовинистичка пропаганда кон Македонија, чија цел е помрачување на националната свест и создавање на психичка напнатост помеѓу населението. Народното Собрание на Република Бугарија да ги признае и да им ги даде националните права на Македонците!”
“Ќе побараме поништување на воениот сојуз од 29-ти февруари 1912 година меѓу Бугарија, Србија и Грција. Повлекување и отстапување на приграбените територии од завојувачите кои со сила ја распарчија Македонија!”
И покрај тоа што имаат повеќе правосилни пресуди за остварување на правата на Македонците за самоидентификација, бугарската влада сè уште тапка во место со спроведувањето на пресудите од меѓународните организации, меѓу кои и пресудата од Европскиот суд за човекови права во Стразбург од 28 мај 2020 година со која се осудува Бугарија дека извршила повреда на правото на здружување по членот 11 од Европската конвенција за човекови права!