ДУХОВДЕН (Дуовден, Света Троица, Педесетница) – еден од најголемите христијански православни празници. Спаѓа во 12-те големи празници што ги празнува нашата црква. Наречен е и Педесетница, бидејќи секогаш е педесет дена по Велигден, а и настанот што му дава смисла се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Познат е и како Света Троица, бидејќи на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух.
Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква. Во народното верување тој најповеќе се врзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни и доаѓаат во близина на своите потомци. Се празнува три дена, а првиот ден секогаш е во недела.
Саботата пред празникот е Духовденска задушница. Тогаш, како и на првиот ден од празникот, се посетуваат гробовите на покојните, се оставаат ореови гранки и дулиња (бардиња) и се раздава за душа од покојните.