Западот би требало да го спречи принудното менување на името и на идентитетот на Македонија и на Македонците. Овој процес беше започнат од Грција, но го спроведува Западот. САД, ЕУ и другите западни држави со сила го сменија името на Република Македонија во „Северна Македонија“, го менуваат идентитетот на Македонците во „Северномакедонци“ и вршат принудна ревизија на македонската историја – што подразбира учебниците да бидат напишани одново – сето тоа со цел да се исполнат барањата на Грција, држава која јавно го слави бришењето на Македонците. Сето тоа согласно анти-македонскиот „Преспански договор“, чие носење беше прославено од страна на Западот.
Македонските ученици веќе нема да учат дека македонските херои се македонски. Тие ќе учат дека нашите херои биле „бугарски“ Ќе учат дека древните Македонци биле „Грци“. Двете овие тврдења се смешни и трагични. Нема да ни биде дозволено да учиме за поделбата на македонската територија во 1913 година меѓу Србија, Бугарија, Грција и, подоцна, Албанија, и дека овие држави вршеа кампањи на етничко чистење врз домородното македонско население. Името Македонија беше негирано и брутално забранувано. Особено Грција ја забрануваше употребата на името Македонија, и дури од неодамна тврди дека македонското име е нивно.
Но зошто? Грчките лидери признаа дека извршија шокантна промена во нивната пропаганда со цел да можат да го негираат прогонувањето на македонското малцинство на грчка територија. Идејата е дека ако окупаторот го преземе името на окупираниот тогаш не може да стане збор за било каква опресија. А Западот слепо го следи овој план.
Зошто е Западот толку заинтересиран да го поддржува културолошкиот геноцид што го врши Грција? Грција најави дека ќе продолжи да го блокира приемот на Македонија во НАТО се додека името не биде сменето. Западот избра да го спроведува својот империјализам, преку НАТО, и да го поддржи културолошкиот генцоид на Грција – сето тоа на сметка на цела една етничка група – Македонците.
Погледнете ја снимката https://www.youtube.com/watch?v=x9qIxNc5ANY од македонскиот Илинденски фестивал што секоја година се одржува во селото Овчарани во Егејска Македонија (делот од Македонија што е анектиран од страна на Грција), каде илјадници Македонци се собираат секоја година да го слават своето македонско наследство и историја.
Но, според членот 7(2) од илегалниот „Преспански договор“, на овие Македонци им е забрането да постојат, бидејќи изразите „Македонија“ и „Македонци“ им се препуштаат на Грција. Македонците претрпеа повеќе од еден век прогонување од страна на Грција, само затоа што се Македонци, а според грчките закони не им се дозволува да се само-идентификуваат како Македонци. Сега, со про-западниот „Преспански договор“, грчкиот анти-македонски расизам е прогласен за валиден.
Понатаму, на Западот му е корисно да ја игнорира грозната иронија дека, кога Грција ја анектираше Егејска Македонија, ги менуваше личните имиња на Македонците, како и имињата на селата и градовите и им даваше грчки имиња. Но, ако Македонија „од секогаш била грчка“, тогаш овие имиња веќе ќе беа грчки. Дополнително, пред 1913 година, цела Македонија беше под сурово турско ропство кое траеше 500 години, но сепак сите македонски имиња си останаа МАКЕДОНСКИ.
А сепак, Западот го прифати тврдењето дека грчкото право врз Македонија е „старо“ додека македонското право врз МАКЕДОНИЈА е „ново“. Западот го прифати начинот на кој Грција го дефинира нејзиниот културолошки геноцид врз Македонците како „дипломатски спор“. Безобразната западна дволичност повторно се покажа во целиот свој интензитет.
Ве прашувам, дали би дозволиле нешто вакво да и се случи на вашата етничка група? За разлика од Македонците, вие не би морале да барате помош од Западот, бидејќи веќе ја имате. Всушност, вакво нешто не би можело да ви се случи на вас. Вашата етничка припадност не би ви била одземена и предадена на вашите угнетувачи. За разлика од вас, Македонците живеат во надреална состојба во која Западот, наводниот заштитник на човековите права, е соучесник на нашите угнетувачи во нашето бришење.
Тоа е тоа. Го објаснивме нашето постоење. За жал, мораме да го правдаме. Побаравме поддршка, но попусто, и сега се соочуваме со незамисливата опасноста целата наша етничка група да биде збришана додека светот го прославува тој чин. Не ни е дозволено да бидеме тоа што сме и да се нарекуваме себеси со нашето сопствено име. Денес, Македонците ја бараат вашата поддршка за да ставиме крај на анти-македонската промена на нашето име и идентитет. Отсуството на ваша помош значи поддршка за расизмот и за културолошкиот геноцид што ни се врши.
Бил Николов (Bill Nicholov)
Претседател на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права (Macedonian Human Rights Movement International)
Oбјавено во GlobalResearch.ca: https://www.globalresearch.ca/west-cultural-genocide-macedonians/5687207 на 26 Август 2019