Пишува Тодор ПЕТРОВ
Бидејќи повторувањето е мајка на знаењето, колку да не се заборави една хронологија на велепредавството, геноцидот и злосторството против човештвото кои марионетската влада на Зоран Заев ги изврши врз Македонскиот народ и државата Македонија! Да остане во незаборав, дента кога ќе судат историјата, народот и правдата!
За потсетување: Бадентеровата комисија на Европската Комисија, составена од 5 претседатели на уставни судови на земји членки на Европската Унија под претседателство на претседателот на Уставниот суд на Франција, Робер Бадентер, формирана со цел да утврди кои републики од поранешна СФР Југославија по нејзиното распаѓање, односно дисолуција ги исполнуваат условите да бидат признати за суверени и самостојни држави, во 1992 година изрази согласност само за државноста на Македонија и Словенија од поранешна СФРЈ и потврди дека “употребата на терминот Македонија не имплицира територијални претензии кон Грција“!
Меѓутоа, бидејќи не е до името, туку до окупацијата и геноцидот, да ја прикријат кражбата на културно-историското наследство и минато на Македонците и Македонија, кои ги инкорпорираа како српски, бугарски, грчки и албански, веднаш после дисолуцијата на поранешна СФР Југославија, соседите започна специјална војна со агресија врз Македонците и Македонија по сите основи, која трае до денес: Не признаваат име, држава, народ, јазик, култура, црква, историја, граници, територија… Впрочем, Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година не се ништо друго, туку примена на Букурешкиот договор од 10 август 1913 година: Македонија од држава, се демонтира во територија без народ и историја чии администратори се Атина и Софија. Македонското прашање повторно е отворено, а пандорината кутија остана незатворена…
Патем, незаборавно е дека, Меѓународниот суд во Хаг со пресуда од 5 декември 2011 година, по тужбата на Македонија против Грција за прекршување на членот 11 од македонско-грчката Привремена согласност од 13 септември 1995 година, потврди дека Македонија има право да членува во Обединетите Нации и во меѓународните организации под нејзиното државно име, независно од правото на Грција да приговара кога Македонија пристапува во членство или и’ се обраќаат со државното име Македонија!
За жал, поради малоумноста или колаборационизмот на власта во Македонија, не побаравме Обединетите Нации да ја испочитуваат пресудата на Меѓународниот суд во Хаг од 5 декември 2011 година и со тоа да ја елиминираат дискриминаторската одлука од 8 април 1993 година спротивна на Повелбата на Обединетите Нации: (1) Прием на Македонија во членство на ООН, со времено обраќање “поранешна Југословенска Република Македонија“ (The former Yugoslav Republic of Macedonia) само во системот на Обединетите Нации додека траат разговорите за разликата по државното име со јужниот сосед Грција, и
(2) Државата Македонија да разговара за своето државно име со друга земја членка на Обединетите Нации!
Наместо ова, и покрај одлуките на 140 држави во светот за воспоставување дипломатски односи со Македонија под нејзиното единствено државно име, марионетската влада на Зоран Заев влезе во самоубиствено сценарио на нацијата за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ, спротивно на волјата на Македонскиот народ и граѓаните на Македонија изразена на референдумот од 8 септември 1991 година “ЗА СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“ без додавки и без придавки и референдумот од 30 септември 2018 година “ПРОТИВ ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ И НАТО И НЕПРИФАЌАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ДИМИТРОВ-КОЅИАС ОД 17 ЈУНИ 2018 ГОДИНА“, а со флагрантно кршење на домашното и на меѓународното право!
Да ја удоволи Грција, во анимозитетот и агресијата против државата Македонија, Собранието на Македонија усвои два амандмани на Уставот на Република Македонија на седницата одржана на 6 јануари 1992 година: Амандман I на членот 3 на Уставот и Амандман II на членот 49 на Уставот.
Амандманот I на Уставот гласи:
“1. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.
2. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми.
3. Со точката 1 на овој амандман се дополнува членот 3, а со точката 2 се заменува ставот 3 на членот 3 на Уставот на Република Македонија.“
А, членот 3 на Уставот гласи:
“(1) Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива.
(2) Постојната граница на Република Македонија е неповредлива.
(3) Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот.
Амандманот II на Уставот, пак, гласи: “1. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. 2. Со овој амандман се дополнува ставот 1 на членот 49 на Уставот на Република Македонија.
А, членот 49 на Уставот гласи: “(1) Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на Македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив.
(2) Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.“
Поточно, со Амандманот II на Уставот, Републиката во грижата за положбата и правата на припадниците на Македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, помагајќи го нивниот културен развој и унапредувајќи ги врските со нив, се зарече дека нема да се меша во суверените права и внатрешните работи на Албанија, Бугарија, Грција и Србија, поради Македонците таму
Во меѓувреме, шарлатанот Зоран Заев склучи Договор со бугарскиот премиер Бојко Борисов на 1 август 2017 година за “заедничка историја на Македонија со Бугарија“ која погрешно се имплементира како “Македонија е дел од Бугарија, Македонскиот јазик е дијалект на Бугарскиот јазик, Македонската историја до 1944 година е Бугарска историја, во Бугарија нема македонско малцинство, Македонците во Македонија се Бугари до 1944 година, Бугарија во Втората светска војна не е фашистички окупатор врз Македонија туку администратор“, а шарлатанот Никола Димитров склучи Спогодба со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас на 17 јуни 2018 година, за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ.
Како гаранција за велепредавството на марионетската влада на Зоран Заев за примена на Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, Собранието на Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2019 година го усвои Амандманот XXXVI на Уставот кој целосно га замени членот 49 и Амандманот II на Уставот на државата Македонија, а гласи:
“1. Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ.
(2) Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство.
(3) Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината. (4) Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.“
Со Амандманот XXXVI на Уставот, марионетската Влада на Заев конечно се откажа од Македонците во соседните држави на државата Македонија и од Македонците во светот! Имено, првата реченица од ставот 1 на членот 49 на Уставот која гласеше “Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на Македонскиот народ во соседните земји“ ја замени со формулацијата “Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ.“ А, зборовите “грижата на Републиката за иселениците од Македонија“ ги замени со формулацијата “Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ…“ Се разбира, Македонците во соседните земји на државата Македонија не се дијаспора, а дијаспора не се само Македонците од Републиката, туку Македонците од сите делови на етно-историските граници на Македонија! Претходно, Владата на СДСМ, по војната во 2001 година, а по барање на ДУИ, со измените и дополнувањата на Законот за државјанство донесени на седница на Собранието одржана на 22 јануари 2004 година, утврди дека “Иселеник од Македонија се смета граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава… без оглед на националното … потекло“, со што се откажа од Македонците во соседните држави на Македонија! Ете, тие се перфидните игри на Заев, Димитров и нивната камарила во Собранието и Владата кои си поиграа со државноста на Македонија и Македонскиот народ!
Истовремено, како потсетување, и во Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година во Глава VII став 4 беше утврдено: “Социјалистичка Република Македонија, во рамките на надворешната политика и меѓународните договори на Југославија, се грижи за почитување на правата НА ДЕЛОВИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД КОИ ЖИВЕАТ ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ КАКО НАЦИОНАЛНО МАЛЦИНСТВО.“
Во членот 3 на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година, пак, се вели, дека “Во Социјалистичка Република Македонија, Македонскиот народ и народностите, работните луѓе и граѓаните го утврдуваат општественото уредување на Републиката и обезбедуваат и остваруваат:“ меѓу другото “… политичка, економска, културна и друга соработка на Републиката со органи и организации на други држави и со меѓународни органи и организации, како и грижа за почитување на правата НА ДЕЛОВИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД КОИ ЖИВЕАТ ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ КАКО НАЦИОНАЛНО МАЛЦИНСТВО и за Македонците во другите земји, во рамките на заеднички утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Социјалистичка Федеративна Република Југославија …“
На 9 октомври 2019 година, Владата на Бугарија усвои “Рамковна позиција“, потврдена со Парламентарна декларација на 10 октомври 2019 година, во која се утврдени условите за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија. Несомнено, бугарската “Рамковна позиција“ претставува антимакедонска симбиоза на бугарската политичка и научна елита за непризнавање на Македонската држава, народ, јазик, култура и историја! Но, за жал, бугарската “Рамковна позиција“, претседателот Пендаровски, марионетската влада на Заев и новоизбраната влада на Димитар Ковачевски дискретно, без многу јавност и транспарентност ја спроведуваат! Едно пред јавноста зборуваат, а друго одбработуваат, бидејќи со задача се поставени на фалсификувани избори кои опозицијата не ги демаскира, туку ги прифати и продолжи да им кооперира.
Во врска со територијалните претензии на Македонија кон Бугарија, во Глава I точка 1 ставовите 1, 2 и 3 од бугарската “Рамковна позиција“ се вели:
“(1) Република Северна Македонија треба да ја суспендира и да се воздржи од водење политика, независно под каква било форма, на поддршка и промоција на барања за признавање на таканареченото ‘Македонско малцинство’ во Бугарија. Република Северна Македонија безрезервно и навремено да ги усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации и форуми со членот 11 од Договорот за добрососедство, јасно кажувајќи дека нема историски или демографски причини да бара малцински статус за било која група граѓани на територијата на Република Бугарија. Мултилатералните формати и механизмите за набљудување на Советот на Европа не треба да се инструментализираат од Република Северна Македонија за вршење притисок врз Бугарија за прашања поврзани со правата на лицата кои припаѓаат на малцинските групи;
(2) Република Северна Македонија со вербална нота да ги извести државите членки на ООН дека придржувањето кон уставните измени направени во Република Северна Македонија во согласност со Договорот од Преспа, ќе се спроведува паралелно со стрикно придржување кон Договорот со Република Бугарија во целина, вклучувајќи ја и “јазичната клаузула“ од Договорот;
(3) Во нотата да се наведе, дека употребата на краткото име предвидено со Договорот од Преспа се однесува само на политичкиот субјект Република Северна Македонија, а не на географскиот регион на Северна Македонија, од кој дел се наоѓа во рамките на Бугарија…“
На 25 јуни 2021 година бугарското Министерство за надворешни работи објави 5 точки кои Македонија мора да ги спроведе, за Бугарија да не стави вето на почетокот на преговорите за пристапување на државата Македонија во сојуз со Европската Унија:
“(1) Македонија да испрати допис до Обединетите нации дека кратенката ‘Северна Македонија’ се однесува само на политичкиот субјект ‘Република Северна Македонија’,
(2) Македонија да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија, потврдувајќи дека нема историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство на територијата на Република Бугарија,
(3) Македонија да почне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест,
(4) Македонија да ја прилагоди со Бугарија содржината на наставните програми со цел објективно да ја рефлектира заедничката историја поставена во Преамбулата на Договорот за добрососедство, и
(5) Отстранување на знаците и натписите кои влеваат омраза кон Бугарија и Бугарите.“
На овие пет точки, плус една е придодадено и барањето на Софија за впишување на “бугарскиот народ во Уставот на Македонија!“
За жал, овие 5+1 точки на бугарското МНР, марионетската влада на Заев/Ковачевски и претседателот Пендаровски перфидно ги спроведуваат.
На прес-конференција одржана на 18 јануари 2022 година, по средбата на македонскиот премиер со бугарскиот, Димитар Ковачевски соопшти дека Бугарија го прифатила името “Северна Македонија“! После излезе на бело видело, дека далеку од очите на јавноста, Македонија веќе ја спровела првата точка од директивите на Софија кон Македонија од 25 јуни 2021 година:
Испратила допис до Обединетите Нации дека кратенката ‘Северна Македонија’ се однесува само на политичкиот субјект ‘Република Северна Македонија’ и дека Македонија нема територијални претензии кон Република Бугарија!
Вицепремиерот Бојан Маричиќ, за време на прес-конференцијата со германската министерка за Европа, Ана Лирман, одржана на 17 јануари 2022 година, на новинарското прашање за Македонците во Бугарија изјави дека, не е на “… Македонија да кажува каде какво малцинство има во регионот, туку тоа е внатрешно прашање на државите во регионот, вклучувајќи ја и Бугарија!“
Во интервју на 18 јануари 2022 година за ТВ ТЕЛМА, на прашањето дали има македонско малцинство во Бугарија, Маричиќ дообјасни: “Ако таму има луѓе кои така се декларираат, како Македонци, тоа е нивно право и тоа никој не може да им го ускрати. Нивниот статус во државата Бугарија зависи од уставното уредување на Бугарија и од правата коишто им ги дава таа држава… Секој има право да се декларира како што мисли дека треба“
Бојан Маричиќ дури не е сигурен дека во Бугарија има Македонци кои се неотуѓив и нераскинлив дел од Македонскиот народ, па вели “АКО ИМА“…
Во изјава за ТВ21, во емисијата “24 анализа“ на 18 јануари 2022 година и Пендаровски се откажа од грижата на Македонија за Македонците во Бугарија: “Македонци во Бугарија постојат. А дали ние од тука, како држава ќе се мешаме да ги помагаме нивните права, НЕ! Зошто НЕ?
Правило број еден во меѓународното право, меѓународната политика, член два од Повелбата на Обединетите Нации – важи за сите држави во светот: Нема мешање во внатрешните работи на државите! Тие се бугарски државјани, граѓани на Република Бугарија. Ве уверувам дека Македонската држава никогаш на ниво на држава не се обидувала таму да ги буцка, да ги провоцира, да им вели – излегувајте, да им дава помош. Тоа се решава на индивидуално ниво. Се чувствуваш како Македонец, ќе го кажеш тоа. Ако не ти даваат, одиш во Стразбур. Тоа е патот!“
Дека барањето на Бугарија, Македонија да ги запише Бугарите во Уставот, е мешање во внатрешните работи, Пендаровски не му го кажал на премиерот Петков, на средбата на 18 јануари 2022 година, затоа што “Тоа од него Петков не го побарал.“ А, изјавата на претседателот Румен Радев од Софија на 10 јануари 2022 година после седницата на Советот за безбедност, дека на бугарската влада и’ се дадени неколку препораки за политиката кон Македонија “Стриктно држење до декларацијата на бугарскиот парламент од октомври 2019 година, како и необврзување на рокови за давање согласност за почеток на пристапните преговори“, за Пендаровски остана без реакција. Важно, Петков не му го кажал тоа што Радев на Петков му го рекол од Советот за безбедност, на кој и Петков присуствувал, за Пендаровски да праша.
Пендаровски и Ковачевски ниту потсетија на изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за бугарската телевизија БТВ, на 16 јануари 2022 година, дека “во Бугарија не постојат Македонци и за тоа прашање не може да се разговара!“
И Мицкоски, на 17 јануари 2022 година во емисијата “24 анализа“ на ТВ ПРЕС24 ги повика новинарите да му постават прашање на бугарскиот премир Кирил Петков, зошто инсистираат Македонскиот јазик да биде согласно Уставот, а не само Македонски јазик, на кој народ припаѓа Гоце Делчев и кој го кренал Илинденското востание, ама на средбата на 18 јануари 2022 година во 18.20 часот, за тие прашања на Кирил Петков не го праша.
Агонијата на нацијата продолжува, откако претседателот Пендаровски на 18 јануари 2022 година изјави: “Финалното решение меѓу Македонија и Бугарија да не се гласа со двотретинско мнозинство во Собранието, зошто е тешко да се добие…“
Ова четиво, не е очај поради немоќ за спас и решение, но е сведоштво за дијагноза на која и’ е потребен конзилијарен третман. Некој ќе рече, е што ако кажавме, а ништо не одбранивме? Кажавме, затоа што без фактографија и хронологија не може постапка пред било кого и било каде да поведете! Ете, затоа! Нам, Македонците, ни претстои долга и макотрпна битка да го вратиме тоа што власта го распродаде, но и да вратиме се’ што испокрадоа од општествената сопственост за последните 30 години…
Никогаш северна само Македонија вечна од исконот до бескрајот!
Извор: Тодор Петров