Велики четврток или Величетврток — ден од Страдалната седмица. Според источното христијанство тој е шестти ден од Страсната седмица, односно пет дена по Лазаровата сабота и четири по Цветници. А според западното христијанство тој е петти ден од страсната седмица, односно четири дена по Цветници. На овој ден се прави спомен на светото миење на нозете, Тајната вечера, предавањето на страшните тајни, Првосвештеничката натприродна молитва, и самото предавство на Христос.
На овој ден рано наутро пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите велигденски јајца. Најпрво каснуваат малку леб, се вртат кон исток, се прекрстуваат и ги бојат првите три црвени јајца. Првото јајце, божјаче, откако ќе се бојадиса се остава да го „фатат“ првите зраци од сонцето, а потоа се будат децата и со него на лицето им се прави „Црвено-бело“.
Насекаде во Македонија, на Велики четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото ставаат едно во други две или три јајца. Исто така, во некои краишта во ситото ставале и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало. Ситото било покривано со црвен машки појас или со друга ткаенина но секогаш со црвена боја.
Божјарчето се чува цела година, до наредниот Велики четврток, и само ова јајце не скапува! Останатите јаца се бојадисуваат во различни бои и на различни начини, а еве кои се значењата на боите на велигденските јајца:
- Црна – вечност
- Жолта – светло, среќа
- Црвена – божествена љубов, надеж
- Кафена – среќа
- Бела – чистота, невиност
- Портокалова – издржливост и сила
- Зелена – раст
- Виолетова – надеж и вистина
- Сина – здравје