Таа е македонски симбол за жена-борец, предводничка на ајдуци и војвода на дружината. Таа е опеана во македонските народни песни. Умрела во Прилеп, во 1858 година.
Сирма Стрезова Крстева била ќерка на Анѓа и Петре Врлески. Нејзиниот татко бил зограф, кој бил самоук, но се занимавал и со ѕидарство. Покрај тоа, тој бил и печалбар и така ги научил околните соседни јазици. Од другата страна пак, нејзината мајка се занимавала со ткаење и везење.
Сирма била единка на Петре и Анѓа. Поради тоа, таа помагала на нејзините родители, особено по снемогнувањето на нејзиниот дедо. Интересот за борба против тиранија и разбојништво кај Сирма се појавила првично поради приказните кои ги слушала за разбојништвата во крајот како и поради фактот што селото еден ден било опколено од разбојници. Семејството се засолнило во блиската пештера Алилица во месноста Голем Дол на планината Шкрка.
Семејството се вратило во селото по два дена каде затекнале запалени куќи и пустош. Тоа ја зголемило нетрпеливоста на Сирма кон качачките банди. Во тие мигови кај неа изгледа дека се појавила намислата како да се одмазди за неправдите, со што наполно и се изменил животот.
Сирма станала војвода многу млада. Шансата за одмазда за опустошувањата ги видела во собирот на локалните македонски ајдуци за Ѓурѓовден во 1791 година. Таа заминала на средбата облечена во машка носија и била најмладиот член со 18 години. Нејзиното семејество не било известено за овој потег на Сирма. На средбата имало околу 70 мажи. Најистакнат член на ајдуците бил тресончанецот Мицо и тој предложил дека за лидер на групата ќе биде избран најмладиот член.
Сирма била најмлад член на дружината и одлуката за нејзин избор била прифатена од сите членови. Кога Сирма застанала на чело на дружината, таа го дала знамето на дружината на знаменосецот Вело Шпиров. Сирма била на чело на дружината од 1791 до 1813 година. Се вели дека ајдуците дознале дека е женско дури откако дружината се растурила, а Сирма се омажила за Вело Шпиров, бајрактарот.
Планините ги напуштила во 1813 година кога станала сопруга на бајрактарот Вело Шпиров. Тие заминале за Крушево, каде престојувале подолг период. Подоцна се преселиле во Прилеп, каде и починала на 85 годишна возраст во 1858 година. Сирма била закопана со најголеми почести во тогашно време.
Времето го направило своето и кај новите генерации тресончани за неа останале само бледи сеќавања. Сирма се познавала со Димитар Миладинов, но за жал ниту во неговите книги и дела тој не споменал подетални моменти од нејзиниот живот. Останала напишана само една куса белешка која во целост гласи вака:
„Сирма се роди во дебарското село Тресонче. Бидвешчем под машко облекло, обходи как војвода планините Бабин Трап, Стогово, Барбара, Крчин. Момците кои таја ги водеше ја узнаха како девојка кога и се скинаха петлиците од градите“.
Сирма Војвода е опеана во македонското народно творештво како симбол на жена борец за слобода на Македонија.