Цветници (Цветоносна недела или Врбица) — христијански празник во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот. Денот на празнување секогаш е една недела пред Велигден.
Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека. Овој празник е подвижен празник. Зависи од тоа во кој ден ќе падне Велигден.
Во Македонија овој празник се празнува различно. На пример во гостиварско Зубовце, на овој ден младите невести, девојките и девојчињата со кошници во рацете, одат на прошетка во селските ливади. Берат цвеќиња. Прават толку цветни кивчиња колку што има членови во нивната фамилија. Прават и една поголема китка за куќата која, по враќањето дома, ја оставаат пред домашната икона.
По берењето на цвеќињата и при правењето на китчињата, младите невести, девојките и девојчињата пеат:
Ајде Цвето на цвеќе,
ЛазареЦвеќе да си береме,
Лазаре,Китки да си китиме,
Лазаре,Кому китка по китка,
Лазаре,На Лазара пет китки, Лазаре.
Младите невести, девојките и девојчињата со китките во раце пеат и други песни и играат.