Стерјо Спасе
писател и критичар од македонско потекло, автор е на проза и раскази, романи, учебници и репортажни записи. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби. Неговите дела се преведувани на неколку светски јазици.
Стерјо Спасе
е роден на 14 август 1914 година, во село Глобочани, Мала Преспа, Република Албанија. Основно училиште завршил во родното место и во Глобочани, Мала Преспа. Образованието го продолжил во Корча и во Елбасан, каде завршува Педагошка гимназија. Работи како учител во Дервичане, село во округот на Ѓирокастро а подоцна предава во Москополе, Корча и Тирана.
Пред Втората светска војна бил соработник на познатите списанија во Тирана и во Романија, како што се „АБЦ“, „АРС“, „Бота е Ре“ „Нов свет“ и др. Во овој период книжевната дејност на Стерјо Спасе е особено плодна. Тој интезивно твори и создава неколку значајни дела меѓу кои романите „Зошто“ – 1935, „Венера“ – 1944, збирките раскази „Младински венец” – 1934. “Во прегратките на една жена“ – 1934, „Невеста без превез“ 1944 и др.
Во 1935 година во Корча го издава својот прв роман ” Од живот во живот – зошто”. Во романот наречен едноставно “Зошто” ремек-дело на неговото творештво, тој ја опишува историјата на млад интелектуалец, кој се вратил во своето родно село по завршување на обуката и за судирот со традиционалното, кој го води до самоубиство. Меѓутоа, набрзо по излегувањето, актуелната власт ќе го забрани романот „Зошто!?“.
Изразувајќи го својот македонски културен идентитет, во периодот пред Втората светска војна, кога Албанија води силна асимилаторска политика, Стерјо Спасе станува непожелен за албанските власти во Тирана. Иако романот „Зошто“, всушност е прв роман отпечатен во Албанија, албанските власти го забрануваат заради македонското потекло на авторот.
По ослободувањето, кога во Албанија попушта асимилаторската политика кон малцинствата, Стерјо Спасе околу 50 – тите години се сели во Тирана. Во еден период бил просветен инспектор, уредник на „Наша литература“„Ноември“, „Ново училиште“ и др. Во 1960 година, тој завршил висок курс за книжевност во Институтот за јазик и книжевност „Максим Горки“. Својата наобразба ја довршил во Фиренца, Италија и во Русија.
Стерјо Спасе
е автор на десетина романи. По ослободувањето, во 1952 година, тој го издава романот „Тие не беа сами“, во кој ја опишува борбата на албанскиот селенац против беговите. Три години потоа, во 1955 година, го издава и романот „Венера повторно во селото“ . Романите „Огнот”, “Смрт или слобода” – 1978, “Бунтовниците” – 1983 и други, имаат историска тематика во Стерјо Спасе ја опишува борбата на населението во Албанија против Отоманската империја. Во меѓувреме, Спасе пишува и за најмладите. Во 1966 година издава адаптацијата на епски песни за деца „Соколица“, а две години потоа, во 1968 година и приказни за деца „Поздрави од селото“.
Стерјо Спасе
ги забележува македонските народни песни од Преспанскиот регион, со што зазема значајно место меѓу собирачите на македонски народни умотворби. По неговата смрт во 1989 година, како дел од македонското културно наследство, под наслов „Македонски народни песни од Мала Преспа“, во 1992 година овие песни за печат ги подготвува Благоја Стојчевски. Стерјо Спасе умира во Тирана на 12 ноември 1989 година. Неговото дело го продолжува неговиот син Илинден Спасе, педагог и писател, кој од 1964 повремено пишува проза на македонски јазик и албански јазик.
Извор: Македониум