Петровден

ПЕТРОВДЕН – христијански православен празник во спомен на погубувањето на светите апостоли Петар и Павле (12. Ⅶ/29. Ⅵ).

Тие се погубени во ист ден 61 г. и затоа на иконите и фреските се претставени заедно, св. Петар со клучеви од рајот, а св. Павле со меч како симбол на сопствената смрт. На овој ден во некои места во Македонија се носеле литии, а во Галичник се правеле познатите Галички свадби.

Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите. Денес црквата ги слави двајцата врховни апостоли Петар и Павле. А и историски нивниот празник се утврди пред празникот посветен на 12-те, т.е. на сите апостоли.

Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.