На денешен ден (4 февруари 1872) се родил Гоце Делчев, македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.
Во пронаоѓачката нежност македонската мајка измислила за своите деца десетина нагалени имиња. И затоа синот на Султана Делчева ќе се нарече Ѓорѓи само во крштелното сведителство, во некои стари тефтери и во строгите официјално документи, каде што името се запишува, без да се изговара. Но мајката уште од првиот ден ќе го нарече така, нагалено, како што со гордост, со љубов ќе го нарече целиот народ…— Крум Христов, „Гоце Делчев“
Ѓорѓи Делчев од својата мајка Султана, бил нагалено наречен Гоце, име кое било често во Кукуш. Името Гоце е галовен облик од името Ѓорѓи, а тоа е резултат од широкото распространето словенизирање на старите, од туѓ корен, христијански лични имиња. Во политичката терминологија на македонската револуционерна борба, името Гоце станало синоним на храброст и чесност. Затоа и е речено дека: Гоце! Секој Македонец би сакал да ја отвори книгата на тој живот.
Гоце половина од својот живот го поминал во Кукуш. Тоа е првата фаза што го опфаќа неговото детство. Гоце рано пројавил позитивни карактерни особини. Тој уште како петгодишник, при една меѓусебна расправа на родителите, вербално се обидел да ја заштити својата мајка Султана, притоа покажал завидна храброст пред неговиот татко. Уште од тогаш кај Гоце се развило чувството за заштита на послабите и потчинетите.