НА ДЕНЕШЕН ДЕН е извршен масакрот во Ваташа: Стрелањето на 12 младинци од страна на Гнасниот Бугарскиот Фашистички Окупатор
Масакр во Ваташа
e крвав настан кој се случил на 16 јуни 1943 година кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 12 км од Ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и одреди полиција, под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По потекло Апостолов бил од Крива Паланка. По тоа време од 40 до 60% од војниците во полковите на Петтата армија се локални регрутирани младинци, исто како и голем дел од полицијата, која била составена од месни кадри.
Во пролетта 1943 година
по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.
Во раните утрински часови
во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот не’ собираше од куќите со готов список, сите не имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште. Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Очигледно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат.
Најстариот од сите
Васо насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата ‘оган’. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Четирите девојки што исто така биле уапсени — Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева — ги тргнале настрана. Полицискиот началник Опреков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојчињата, а капетан Борис Жеглов го поддржувал Опреков и така тие биле спасени. Војниците ги вратиле девојките назад во селото и издале наредба убиените младинци да не се носат назад, туку да се закопаат на место.
Денес на тоа место постои мал споменик. По војната, тие се откопани и преместени на друго место, а по трет пат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.
Дванаесетте млади од селото се
Перо Илов (15), Ванчо Гурев (19), Данко Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20), Пане Џунов (18)
По две години Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов и подофицер Петко Опреков. Пред тоа сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти.
Апостолов, кој бил командант на војската и ја издал наредбата за стрелање, тврдел дека не е виновен за ваташкиот масакр. Тој бил суден за повеќе злодела и сите ги признал, но за ваташкиот масакр кажал дека добил листа со имиња, а на неа стоело дека младинците се партизани уапсени во шумата, а не собрани од нивните куќи. Раскажал и за улогата во настанот на четворица ваташанци-предавници, тројца мажи и една жена.
Во спомен на настанот
изградена е спомен костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето подигнат е спомен парк со површина од 7 хектари, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци. За настанот испеана е народна песна: „Ми заплакало селото Ваташа“.
Споменикот во последниве години често пати е осквернавуван. Последен пат во март 2012 година кога поголемиот дел од релјефот бил уништен од вандали.
Извор:
Уреди
„Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 249.