22 ноември 2020 година, Скопје, Македонија – Матицата на иселениците од Македонија како Дом на Македонците од сите делови на Македонија во светот го отфрла обидот на Владата во Софија за промена на името на Македонскиот народ, јазик, култура и историја!Матицата на иселениците од Македонија ја осудува злоупотребата на бугарското вето на “Преговарачката рамка“ за почеток на пристапните преговори и одржувањето на Меѓувладината конференција на Македонија со Европската Унија, доколку Македонија не ги прифати ултимативните барања врз основа на антиисториски и антимакедонски позиции на Софија:
(1) промена на македонската историја според бугарските територијални претензии за Голема Сан Стефанска Бугарија од 1878 година;
(2) Македонците се Бугари;
(3) Македонскиот јазик е дијалект односно “западна книжевна норма“ на бугарскиот јазик;
(4) македонската историја до 1944 година е бугарска историја;
(5) нема бугарска фашистичка окупација врз Македонија во Втората светска војна; и
(6) не постои македонско национално малцинство во Бугарија!Матицата на иселениците од Македонија отфрла ревизија на македонската историја и бара веднаш и безусловно распуштање на меѓувладините комисии со Бугарија и Грција за нова политичка историја на Македонскиот народ и на Македонија!
И покрај сите историски хипотеки од Првата и Втората Балканска Војна и Првата и Втората Светска Војна, Матицата на иселениците од Македонија предлага македонско-бугарско помирување и договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, но врз основа на основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност што подразбира: взаемно политување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи!