МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО АЛБАНИЈА: ГРУБО МЕШАЊЕ НА БУГАРИЈА ВО ВНАТРЕШНИТЕ РАБОТИ НА АЛБАНИЈА ВО НАМЕРИТЕ ЗА АСИМИЛАЦИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИ!

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) најостро ги осудува најновите провокации и лаги на бугарската амбасада во Тирана која во денешното соопштение објавено на страната на амбасадата тврди, дека децата од областа Корча го прославија „Божик на бугарски“ и дека амбасадата на сите деца од градинка до 12 одделение во општина Пустец им поделија божикни и новогодишни подароци.

Македонска алијанса за европска интеграција овие објави на бугарската амбасада во Тирана ги смета за провокации. Македонска алијанса за европска интеграција ја информира целата јавност дека денеска во општина Пустец немаше никакво празнување на „Божик на бугарски“.

Денес Македонците во Пустец и во другите делови на Албанија го празнуваат на традиционален македонски начин Бадник, а утре и Божик, со обичаи наследени со векови од нашите претци Македонци.

Како што информираа и од заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиофски” во Пустец денеска никој не донирал пакетчиња за децата и дека единствено на 23 декември 2021 година новогодишни пакетчиња додели општина Пустец и на децата и на наставниот кадар во училиштата им е соопштено дека овие подароци ги доделува општина Пустец.

Бугарската амбасада во Тирана во соопштението не го споменува името на заедничкото основно и средно училиште “Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиофски” во Пустец затоа што знае дека херојот Трајан Ѓорѓиофски од Пустец, по кого денес го носи името училиште во Пустец, во 1942 година се приклучува на македонските партизани и загинува во 1944 година за слободата на Македонија во борба против бугарскиот фашистички окупатор на Македонија. Во училиштата во општина Пустец, 77 години непрекинато се изучува мајчиниот Македонски јазик!

Во врска со соопштението на бугарската амбасада дека и во областа на Гора, општина Кукс, бугарската амбасада обезбеди и додели новогодиши подароци за сите деца и дека децата го празнуваа „Божик на бугарски“ го сметаме за неумесна провокација.

Во девет села во областа Гора живеат Македонци со исламска вероисповед. И на последниот попис во 2011 година во областа Гора се изјаснати за Македонци, ниту еден не е изјаснат за Бугарин. Така да доделување на пакетчиња за децата во училиштата во Гора и измислување дека го слават „Божик на бугарски“ е само уште една примитивна перверзија и играње со верските чувства на Македонците со исламска вероисповед. Впрочем, ова не е ништо ново кога се работи за Бугарија. Познати се обидите на Бугарија во времето на Тодор Живков за асимилација на бугарските граѓани со исламска вероисповед со присилно преиминување на муслиманските имиња.

Македонците во областите Гора и Голо Брдо очекуваат официјално извинување од страна на Бугарија за злосторствата извршени за време на окупацијата на областите Гора и Голо Брдо од страна на Бугарија во Првата светска војна, злосторства кои се врежани во меморијата на Македонците.

Ги осудуваме овие примитивни бугарски трикови од страна на Бугарија, која на секој начин сака да ја искористи сиромаштијата во областите каде живеат Македонците во Албанија, во намерата да ги прикажат како бугарска заедница.

Во областите Преспа, Голо Брдо, Гора, Полето и Врбник, каде што Бугарија „бара“ бугарско малцинство, има самоопределени и самоидентификувани Македонци кои го имаат истиот фолклор, традиција и јазик како и Македонскиот народ во целина, во сите држави на Балканот, живеат во компактни области на границата со Македонија и имаат територијален континуитет со државата Македонија, немаат никаква врска со Бугарија!

Во пресрет на престојниот попис на населението кое треба да се спроведе во октомври 2022 година, очекуваме да се засилат напорите на бугарските власти за асимилација на Македонската заедница во Албанија.

Апелираме до Албанската Влада и надлежните министерства и органи, но и до меѓународната заедница во Албанија, да реагираат на овие активности на бугарската амбасада и на официјална Софија, заради прекршување на принципите на Виенската конвенција за дипломатските односи и грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија. Обврска е на институциите на власта, да ги заштитат своите сограѓани Македонците, од бугарската агресија, која со политики и практики против добрососедството, врши грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија!

Извор: Светски Македонски Конгрес