ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ЗОРАН ЗАЕВ И НИКОЛА ДИМИТРОВ
КАЖЕТЕ МУ НА БОРИСОВ, НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ, БУГАРИ НЕ СТАНУВАМЕ!
Пишува Елка ЈАЧЕВА УЛЧАР
Да не доаѓаа вестите однадвор и да не беа електронските медиуми, особено оние во Австрија, Македонскиот народ не ќе знаеше ништо за вашите “преговори“ со Бугарија. Не ќе дознаевме ни дека во Загреб, во февруари оваа година, Република Бугарија додала анекс во кој Македонскиот јазик останал без своето име. Не ќе дознаевме ни што сте договориле пред некој ден во Берлин!
Зошто? Затоа што за разлика од некои други европски лидери, не излеговте во Собранието јавно и транспарентно да го кажете исходот од вашата средба. Исто како што не сакавте преку народните пратеници во Собранието да го слушнете гласот на мнозинскиот Македонски народ во Македонија. И тргнавте во преговори по ист начин како и со Преспанскиот – ставајќи ги Македонците пред свршен чин.
Кажете му на Борисов, ние Македонците, Бугари не стануваме!
Господине Димитров, бадијала бевте во јуни оваа година на промоцијата во МАНУ, на која добивте примерок од книга со наслов: “Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“. Доволно ќе беше само насловот да го прочитате, да сфатите дека МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, се простира подалеку од државните граници на Република Македонија, таков каков што нашите јужни и источни соседи не сакаат да го видот, па затоа толку упорно инсистираат на додавката “според Уставот на РМ“. Бугарија го сака истото што го доби Грција во Егејска Македонија – а кое вие здушно го поддржавте обезименувајќи го и нарекувајќи го Македонскиот јазик – јазик различен од грчкиот што го зборуваат категорија граѓани во Грција!
“Македонски студии“
Сте се согласиле, дека сте подготвени да потпишете анекс или декларација во која ќе тврдите Кодификацијата на Македонскиот јазик е извршена 1945. Зошто ви била потребна подготовка за потпишување на еден ноторен факт? Или, со ваквата “декларација“, сте се согласиле дека историјата на Македонскиот јазик започнала од 1945 година, без да имате предвид два факта познати во славистиката: дека во основата на старословенскиот јазик, тој јазик на кој светите браќа Кирил и Методиј ги превеле првите книги почива на македонски, а не на бугарски говори од околината на Солун. Кога двајца големи слависти ја поставуваа оваа македонска теорија за основата на старословенскиот јазик, едниот од нив, Ватрослав Облак, својата студија ја наслови како “Македонски студии“, а не “Бугарски студии“…
Подготвени сте, исто како, и со Преспанскиот договор да го потврдите членот 11 од “добрососедскиот“ Договор со Бугарија кој е тотално асиметричен и на штета на Македонците и на македонското малцинство во Пиринска Македонија. Вие великодушно се откажувате и од него и од Македонскиот јазик што се говори во овој дел од Бугарија. За потсетување: тоа е она малцинство за кое неодамна во Софија и самиот Бојко Борисов пред министерот Бујар Османи рече: “Многу сум загрижен за вклучувањето на ОМО Илинден и на македонското малцинство во Бугарија во политичката резолуција во Европскиот парламент!“
Кажете му на Борисов, ние Македонците, Бугари не стануваме!
Господине Заев, кажете му на вашиот пријател Бојко Борисов, дека по 75 години постоење на државата Македонија и на Македонскиот јазик, ние Бугари не стануваме! Ако ова му било јасно пред повеќе од еден век (1903 година) на бугарскиот академик и професор Иван Шишманов, тогашен министер на Кнежеството Бугарија, кој рекол: “Ако Македонија стане автономна, по десет години таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци!“, тогаш – во 2020 година – на Борисов би требало да му биде уште појасно!
Затоа, престанете и повлечете се од преговорите за кои немате знаење, и со кои му правите огромна штета на Македонскиот народ на кој се повикувате! Доста со вашите погубни преговори за Македонија и Македонците! Ако не знаете, имате национални институции на кои основна задача им е чувањето на македонските национални интереси.
За почеток прочитајте ја реакцијата на македонските лингвисти од Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков“, закачена на неговата веб-страница, а по повод памфлетот што Бугарската академија на науките го рашири по Европа под наслов “За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“. Угледајте се во нешто на нашите соседи!
Кажете му на Борисов, ние Македонците, Бугари не стануваме!
Преведете ја и пуштете ја до сите меѓународни институции! Вратете се дома и зборувајте со народните пратеници! Така постапуваат државниците кои ги штитат националните интереси на својата земја и на својот народ! Обидете се барем малку да му го зачувате достоинството на овој намачен, осиромашен и понижен народ и кажете ѝ НЕ на ЕУ во која еден голем дел од Македонците не сакаат да влезат тотално обезлични!
Во спротивно – не сте ништо друго освен предавници на своите претци и на своето потомство со запустен корен поради вашите погубни политики!
Проф. д-р Елка Јачева-Улчар, Институт за Македонскиот јазик “Крсте Мисирков“
ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ЗОРАН ЗАЕВ И НИКОЛА ДИМИТРОВ
Да не доаѓаа вестите однадвор и да не беа електронските медиуми,…
Gepostet von Elka Jaceva-Ulcar am Donnerstag, 12. November 2020