Стеван Наумов – Стив

Стеван Наумов – Стив

Стеван Наумов – Стив (27 октомври 1920, Битола – 12 септември 1942, Болно, Преспанско) македонски партизан, учесник во НОВ, народен херој.

Стив Наумов потекнува од печалбарско семејство од с. Битуша, Леринско, Егејски дел на Македонија. По завршувањето на гимназијата во Битола, во 1938 година се запишал на Техничкиот факултет во Белград, каде што веднаш му пристапил на напредното работничко движење, поради што често бил затворан.

1939

Во 1939 година станал член на КПЈ, а по враќањето во Битола, во септември 1940 година бил избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ за Битола.

1942

Во април 1942 година, Наумов учествувал во формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“. На 6 мај 1942 година во Битола го убил бугарскиот областен полициски началник. Во јуни 1942 година станал член на Оперативниот штаб на Главниот штаб на партизанските одреди во Македонија.

12 септември 1942

Есента истата година, Наумов заминал на партиска задача во Преспа каде, на 12 септември 1942 година, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубил, заедно со неговиот соборец, народниот херој Мите Богоевски. Потоа, бугарската војска ги изложила нивните тела во селото Болно за да ги распознаат роднините на Мите, при што, двете тела биле фотографирани од страна на бугарската војска. Двајцата биле закопани во близина на местото каде што загинале, но бидејќи локалното население започнало да ги посетува гробиштата, бугарските војници ги откопале телата, ги оставиле покрај реката за да се распаднат, а потоа ги однеле во непозната насока.

По Втората светска војна, на партизанските гробишта во Битола бил подигнат гроб на Наумов, но тој останал празен.

Една година по неговата смрт, Битолскиот баталјон, формиран на 11 ноември 1943 година во леринското село Винени, бил наречен по него. Во негова чест, денес три основни училишта го носат неговото име, во Битола, Скопје и Пласница. Во Битола има и спомен-куќа посветена на неговиот живот и дело.

Зафир Хаџиманов и Сенка Валетанлиќ испеаја песна за него насловена „Песна за Стив Наумов“.

Извор: Егејскиот дел на Македонија – Aegean part of Macedonia

Извор на слика 🎨 Слика на Тоде Ивановски.