16 јули 2020 година, Скопје, Македонија – Светскиот Македонски Конгрес (СМК) предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија одржани на 15 јули 2020 година ги оценува за изборна измама на слободно изразената волја на избирачите, што може да доведе до конституирање на нелегална и нелегитимна власт и продолжение на агонијата во општеството, државата и нацијата, поради договорите со Софија и Атина во спротивност со референдумот од 8 септември 1991 година и референдумот од 30 септември 2018 година!
Светскиот Македонски Конгрес (СМК) изборите за пратеници во Собранието ги смета за нерегуларни поради изборен поткуп, организација на “бугарски возови“ на повеќе избирачки места во Македонија и злоупотреба на исплати од буџетот во спротивност со членот 8-а од Изборниот законик кој Владата неуставно го суспендира со уредба со законска сила за време на вонредните состојби од 18 март до 24 јуни 2020 година.
И покрај тоа што предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија се одржаа неуставно и незаконски и се спроведоа со избирачки список без јавен увид во спротивност со Изборниот законик, СМК ја поздравува одлуката на 942.324 избирачи (51,95%) кои го остварија своето избирачко право од вкупно 1.814.236 избирачи запишани во Избирачкиот список.
Светскиот Македонски Конгрес (СМК) изразува жалење за апстиненцијата на 871.912 избирачи (48,05%) од вкупниот број запишани избирачи во Избирачкиот список, независно од причините за тоа.
Светскиот Македонски Конгрес (СМК)
ги предупредува Македонците дека нивната апстиненција на изборите за пратеници во Собранието на Република Македонија под било кој изговор, го зголемува бројот на пратениците Албанци што не е соодветна и правична застапеност според нивниот вкупен број во државата. Поради политичкиот дуализам кај Македонците, уцените за состав на Влада од пратениците Албанци, може да доведе до уставна криза поради барањата за измени на внатрешниот правен поредок, што го нарушува територијалниот интегритет и суверенитетот на државноста!
Светскиот Македонски Конгрес (СМК) изразува загриженост од системска деформација и институционален апартхејд на малцинството врз мнозинството со епилог дезинтеграција на државата и покрај сите вонстандардни уставни и законски мерки за заштита на малцинството од мајоризација на мнозинството!
Светскиот Македонски Конгрес (СМК)
бара секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да спроведат истрага и поднесат обвинител акт против непознат сторител за незаконски упад во компјутерскиот систем за обработка на податоци на Државната изборна комисија, што предизвика вистински хаос со резултатите од гласањето: Околу 80.000 гласови погрешно се распоредени по кандидатски листи и гласачки места на целата територија на Македонија.
Светскиот Македонски Конгрес (СМК)
бара оставка на Државната изборна комисија и кривична одговорност за нејзините членови поради изборна измама и уништување на изборниот материјал, и поради негрижата за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите во согласност со Изборниот законик!
Светскиот Македонски Конгрес (СМК)
бара рачно пребројување на гласачките ливчиња од сите избирачки места, посебно ревизија на неважечките чиј број е 31.466, со право за набљудување на претставници од заинтересираните учесници во изборите.
Светскиот Македонски Конгрес (СМК) потсетува дека врз основа на членот 126 став (5) од Изборниот законик, секој претставник на подносителот на листата и акредитираните набљудувачи имаат право да добијат примерок од записникот за работата на општинските изборни комисии, со резултати од сите избирачки места за кои се надлежни. А, врз основа на членот 38 ставовите (5) и (6) од Изборниот законик еден член на избирачкиот одбор и неговиот заменик се именува на предлог на политичките партии во опозиција кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, а еден член на избирачкиот одбор и неговиот заменик се именува на предлог на политичките партии на власт кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови. Независно од автоматската обработка на податоците во Државната изборна комисија, партиските изборни штабови се во можност самите да ги утврдат резултатите од гласањето!
Резултатите од изборите без приговори од учесниците оставаат сомневање за соучество во изборната измама заради други и туѓи интереси за свои сфери на влијание на овие простори.
Извор: Тодор Петров