Никола Јанакиев Карев (Крушево, 23.11.1877 – с. Рајчани, 1905) – претседател на Крушевската Република. Учител, социјалист и национален деец, ревулуционер и војвода. Завршува четврти клас во Битолската гимназија. На 16 години заминува на печалба во Бугарија.
Како столарски работник работи во работилницата на Васил Главинов од кого ги прифаќа социјалистичките идеи. Заедно со Васил Главинов, ја основаат Македонско-одринската социјал-демократска група (1896). Никола Карев се враќа во родниот град во 1899 година и заедно со Веле Марков ја формираат социјалистичка група во Крушево.
Никола Карев се вклучува во ТМОРО по Првата социјалистичка конференција (1901). По завршувањето на четврти клас во Битолската гимназија (1901), во учебната 1901/1902 станува учител во крушевското село Горно Дивјаци, а следната учебна година работи во Крушевската прогимназија. На почетокот на 1903 година застанува на чело на Крушевскиот револуционерен комитет и остро се спротивставува на решението за кревање на Илинденското востание донесено на Смилевскиот конгрес.
Сепак по одлуката за кревање на востание, Никола Карев во својство на началник на Горскиот Крушевски штаб, Карев активно учествува во подготовка и организација на Илинденското востание (2 август 1903), а подоцна и во ослободувањето и одбраната на Крушево. По паѓањето на Крушево во турски раце, кон крајот на годината се префрла преку Белград во Софија.
Откако извесно време престојува во Бугарија, во 1905 година тргнува со чета во Македонија, но на пат кон Крушево загинува во битка со османлиската војска кај село Рајчани.