12 август 2020 година, Скопје, Македонија – На денешен ден, пред 30 години, на 12 август 1990 година, во Скопје е осветен големиот македонски соборен храм “Свети Климент Охридски“.
Тој августовски ден реки народ од Македонија се слеваа во центарот на Скопје, кој остана да бдее цела ноќ на осветувањето на Соборниот храм на автокефалната Македонска православна црква “Свети Климент Охридски“.
Говор по тој повод одржа тогашниот поглавар на МПЦ Неговото Блаженство господин господин Михаил.
Каменот-темелник на овој македонски храм е поставен на 23 април 1972 година, по проект на архитектот Славко Брезоски. Црквата е од типот ротонда, со димензии 36 x 36 метри и се состои од куполи и лакови, под кои е опфатена површина од околу 1.000 м². На тој простор може да се соберат околу 6.000 верници.
Главната црква му е посветена на Свети Климент Охридски, а долната црква на Света Богородица. Од капелите, едната им е посветена на Цар Константин и Царицата Елена, а другата на Светиот маченик Мина. Кога ќе се влезе во внатрешноста на храмот, особено внимание привлекува иконостасот направен од дабово дрво. Основен мотив на резбата е флората – лозови листови, афионови булки и желади. Димензиите на иконостасот се 19,5 метри во должина и 12,5 метри во висина. Иконите што се сместени во него се насликани од Ѓорѓи Даневски и Спасе Спирковски.
И црквата во солунското село Каваклиево, која е дизајнирана од Архимандритот Никодим Царкњас, кога бил свештеник во селото, е инспирирана од дизајнот на храмот “Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Под централната купола се наоѓа 3,5 метри високиот архиепискописки престол. Двата стола спроти него се високи по 2 метри и според каноните, се наменети за световниот владател и неговата сопруга.
Централната купола
Централната купола е со површина од 650 м². Фреските се дело на академскиот сликар Јован Петров со соработниците. Прв пат во светот Исус Христ е насликан на површина од 70 м², при што пречникот на едно око му е 1,5 м. Отстапувањето од каноните е тоа што пророците, наместо во стоечка положба се насликани во седечка положба. Второ отстапување од црковните канони е што се оставени големи прозорци. За да се одбегне големо количество светлина поставен е кристален плексиглас, што во зависност од аголот под кој паѓа светлината создава прекрасни преливи на бои.
Осветувањето на храмот се врши преку пет тони тешкиот полилеј поставен под централната купола. На него се наредени околу 400 светилки. Вториот полилеј, кој е во средината, виси над светиот престол во олтарот.
Врз основа на проектот што го подготви архитектот Славко Брезовски, изградбата почна на 23 април 1972, а осветувањето е извршено по повод 1.150 годишнината од раѓањето на патронот Свети Климент Охридски на 12 август 1990 во времето на Неговото Блаженство Господин Господин Гаврил Архиепископ Охридски и Македонски.
На 45 метри високата камбанарија, што се наоѓа во дворот, лево (на север) од главниот влез на црквата, се поставени 3 камбани. Најголемата е тешка 1.000 кг, втората 500 кг, а третата 300 кг и сите се излеани во Австрија.
Фонтаната пред црквата е подарок од Исламската верска заедница.
Во дворот на Соборниот храм на 12 август 2007 година бил поставен споменикот на архиепископот Господин Господин Доситеј, првиот поглавар на возобновената Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва. Споменикот е висок околу два метра, а архиепископот Доситеј е претставен во природна големина. Се наоѓа во дворот на црквата од јужната страна. Споменикот го изработил академик Томе Серафимовски. Македонската Православна Црква го поставила овој споменик во чест на 8 декември – православниот празник на Свети Климент.